Вакцините се безбедни, развиени на сигурни платформи. Штитат 100 отсто, буквално сите вакцини кои се сега на пазарот, штитат од смрт и од тешка форма на болеста. Тоа е единствениот начин да се смени сликата за пандемијата во светот, потенцираше Филипче. Додаде дека се уште е рано за целосно да се опуштиме заради тоа што сепак тука е детектирана британската варијација, мутација на коронавирусот.

Засега планот е вакцинацијата да се одвива во Скопје, во Модуларната болница, а вработените во ковид-центрите од другите болници во текот на викендот и почетокот на следната недела ќе доаѓаат тука. Понатаму вакцините ќе се дисперзираат низ целата држава. Пунктот во модуларната болница, каде има шест вакцинални позиции работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ја спроведуваат медицински тимови од Здравствениот дом Скопје. Досега се пријавени 4.000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2.000 се во Скопје, а другите се во останатите градови. На секој здравствен работник кој примил вакцина веднаш му се резервира втора доза за ревакцинација.
Имунизацијата од Модуларната болница се врши со 4.680 од предвидените 8.000 дози вакцини од производителот „Фајзер“ кои државава го доби како донација од Србија. Со пристигнувањето на другите дози вакцини во државата, ќе се врши дистрибуција на вакцини низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови. До крајот на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската компанија „Синофарм“. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“ кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.
Министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева вчера изјави дека наскоро ќе донираат вакцини за Северна Македонија, кога ќе имаат доволно количества од ЕУ.
Таа за телевизијата БТВ изјави дека доцнењето се должело и на механизмот Ковакс, каде Бугарија е исто така учесник.
Сега започнува редовното снабдување со вакцини од страна на ЕУ и се надевам дека наскоро ќе ја имаме оваа можност. Бугарија наскоро ќе достави вакцини во Северна Македонија, вели Захариева.
До вчера до 14 часот вкупно 53.070 граѓани беа пријавени за вакцинирање против Ковид-19 преку веб-страницата „vakcinacija.mk“, а преку матичните лекари 24.958 лица.

Доколку ја превземете оваа содржина, Вие ги прифаќате Услoвите за Користење на порталот ДНЕВНИ НОВОСТИ.