Министерката за одбрана Радмила Шекеринска утрово организираше онлајн кафе со студенти на Факултетот за безбедност, при што разговарале за актуелните случувања во одбраната, нашето членство во НАТО и улогата на Армијата во справувањето пандемијата со Ковид-19.
Кога дојдов за министерка, Министерството за одбрана беше една од најзатворените институции во регионот, но јас верував и во предизвици и во бројки и прифатив да влеземе во истражувањето на Транспаренси Интернешенл за анализа на одбранбените сектори. Имавме време и ги подобривме состојбите во многу сфери во нашата одбрана и станавме и најтранспарентна институција во државата и се искачивме на второ место во Централна и Источна Европа според интегритетот во одбраната, со што станавме земја лидер на тој план, изјави министерката Шекеринска.
Како што соопшти Министертсвото за пдбрана, Шекеринска нагласи дека овој голем успех значи дека доколку институциите имаат политичка волја и капацитет, резултати се постигнуваат и во голема конкуренција надвор од државата.
Говорејќи за НАТО, Шекеринска посочи дека новото време се карактеризира со нови безбедносни предизвици и затоа е голема важноста на членството во НАТО.
Нашиот рецепт изминатиов период беше да инвестираме повеќе во внатрешна стабилност и сила на домашните институции, како и внесување на нашата држава под чадорот на НАТО. Оваа година беше тешка за целиот свет, но успеавме да постигнеме еден стратешки успех, а тоа е членството во НАТО, истакна Шекеринска, оценувајќи дека засилувањето на сојузничкиот фронт е „рецепт што успева“.
На онлајн академското кафе учествуваа повеќе од стотина студенти и професори на Факултетот за безбедност, кои поставуваа прашања поврзани со одбраната и со политичките случувања во земјава.
Факултетот и додели благодарница на министерката Радмила Шекеринска за виртуелната средба со студентите и професорите, се додава во соопштението на МО.
Доколку ја превземете оваа содржина, Вие ги прифаќате Услoвите за Користење на порталот ДНЕВНИ НОВОСТИ.