Минатата година реализирани се 446 нови вработувања во јавно-здравствени установи низ државата, информира денеска Министерството за здравство.
Вложувањата во човечки капитал во здравството не застанаа дури ни во време на пандемија. Пандемијата покажа колку се значајни здравствените работници, тие се столбот на нашето здравство. Со нови вработувања и зголемувањата на платите создаваме услови секој млад здравствен работник својата иднина и кариера да ја гледа во својата земја. Се залагаме за подобрување на условите во кои истите работат и ги слушаме нивните потреби. Отворени сме за соработка со младите како никогаш досега, посочи министерот за здравство Венко Филипче.
Во месец септември 2018 година, на 19.123 вработени во јавно-здравствените установи им се зголеми основицата за плата за 5 отсто. Во јануари 2019 година, следеше дополнително зголемување на платите на здравствените работници, доктори, медицински сестри, болничари, техничари. Пет отсто за медицинските сестри, 8 отсто на медицинските сестри на Клиниките и 10 отсто за докторите специјалисти. Во септември 2019 година, за 5 отсто е зголемена платата на администрацијата во здравството. Од февруари 2020 година, платите на лекарите специјалисти се зголемуваат за 25 отсто, додека пак на медицинските сестри за 10 отсто. Кумулативно, заедно со сите зголемувања досега, вклучително и зголемувањата во месец февруари 2020 година, основната плата на лекарот специјалист е зголемена за 40 отсто, на медицинските сестри помеѓу 20 отсто и 23 отсто, на општите лекари за 25 отсто, а на здравствени соработници за 15 осто, се наведува во соопштението на Министерството.
Доколку ја превземете оваа содржина, Вие ги прифаќате Услoвите за Користење на порталот ДНЕВНИ НОВОСТИ.